Skip Content

Macedonian

Добредојдовте на страницата на македонски јазик на Австралиската фондација за континенција.

Слабата контрола над мочниот меур и над дебелото црево е широко распространет здравствен проблем со кој се соочуваат околу четири милиони мажи и жени во Австралија од најразлични возрасти и потекла.

Австралиската фондација за континенција (Continence Foundation of Australia) пружа низа разновидни услуги за да им помогне на луѓето што имаат проблеми со контролирањето на мочниот меур и на дебелото црево. Во најчестите проблеми спаѓаат постојаното чувство дека мора да одите во клозет, добивањето ненадејна и итна потреба да одите во клозет (а не стигнувате навреме), запек, пролив, па дури и претерано испуштање на гасови од стомакот.

Ако вие или некој што го познавате има проблем со контролата над мочниот меур и над дебелото црево, важно е да поразговарате со професионален здравствен работник. Тие проблеми често може да се решат - а во многу случаи и да се излекуваат.

За да добиете доверлива помош, јавете се на Националната телефонска линија за помош со континенцијата (National Continence Helpline) на бесплатниот број 1800 33 00 66. Телефонската линија за помош ја опслужува тим од искусни медицински сестри што се советници за континенција и кои можат да им дадат информации и совети на луѓето што имаат (или се грижат за некој што има) проблеми со контролирањето на мочниот меур и на дебелото црево.

Телефонската линија за помош исто така може да обезбеди печатени информативни материјали на македонски јазик, како и поединости за локалните служби за континенција што имаат пристап до преведувачки услуги.

Ако не зборувате добро англиски јазик, може да се јавите на телефонската линија за помош преку Преведувачката служба (Translating and Interpreting Service) чиј телефонски број е 13 14 50. Ве молиме запомнете дека Националната телефонска линија за помош со континенцијата работи од понеделник до петок од 8 часот наутро до 8 часот попладне по источноавстралиско стандардно време.

Повеќе информации на македонски јазик може да се добијат од местото на интернет посветено на мочниот меур и на дебелото црево (Bladder & Bowel website).